Заев и Бочварски извршија увид во реконструкцијата на патниот крак Кавадарци-Дреново

Увид во реконструкцијата на патниот правец Кавадарци-Дреново, денеска извршија премиерот Зоран Заев, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на „Македонија пат“, Беким Мемеди.

Премиерот информираше дека реконструкцијата е на барање на населението. Тој соопшти дека ќе се добие современа делница и безбедно приклучување кон експресниот пат од Градско кон Прилеп, кој е во изградба.

-Станува збор за исклучително важна патна артерија за регионот. Со неа се овозможува лесен побрз транспорт на луѓе и производи, нагласи премиерот.

Можностите за лесно поврзување се од посебен интерес, рече тој. Вмрежувањето на патиштата, додаде, ги дава главните коридори на поврзување. Тој рече дека градежните активности не беа запрени ниту за време на пандемија и даваат резултати.

-Од Северна Македонија, која беше инфраструктурно заостаната земја, во интерес на граѓаните нашата амбиција останува и понатаму да ги реализираме нашите програмски одредници, рече Заев, говорејќи за сообраќајни мрежи без црни точки и патно поврзување меѓу најголемите центри за пократко време и поголема безбедност.

Развојот на патната инфраструктура се работи низ територијата на цела Северна Македонија.

-Планираме во наредните години да инвестираме значителна сума на средства кои се проценети на преку една милијарда евра. А само во оваа година, за изградба и рехабилитација на патишта, се предвидени околу 200 милиони евра. Важно е да се напомене дека за ефикасна реализација на капиталните проекти, активиран е систем кој го надгледува спроведувањето на капиталните инвестиции и веднаш алармира кога ќе се појави некаков застој, дециден беше Заев.

Премиерот информираше дека во Тиквешкиот регион, покрај оваа делница, се продолжува со патот Глишиќ-Неготино, како и Неготино-Дуброво-Војшанци. Во прва фаза улиците ,,Илинденска” и ,,Браќа Џунови”, а втора фаза на улиците ,,Дисанска” и ,,Блажо Алексов”. Тој најави и неколку други инвестиции, меѓу кои и улици во Неготино и неготинско Тимјаник, но и проект во Тремник. Се планира и изградба на делницата од Мрежичко до Мајден, како дел од патот кон новиот граничен премин.

-Северна Македонија се гради и поврзува. Со квалитетна, безбедна и сигурна патна инфраструктура, за да се патува полесно и побезбедно до саканите дестинации, рече Заев.

Министерот Бочварски изрази задоволство од реконструкцијата и рехабилитацијата на регионалниот пат кој е значаен за регионот. Тој исто така нагласи дека и понатаму ги поддржуваат приоритетите на општините.

– Оваа Влада ги решава проблемите, рече министерот, осврнувајќи се и на експресниот пат и реконструкција на превојот Плетвар. Тој додаде дека се гради како никогаш досега.

Директорот Мемеди нагласи дека станува збор за исклучително важен патен правец. Тој информираше дека во моментов работат на преку десетина патни правци.

Активностите на патот на кој беше извршен увид, опфаќаат отстранување на стариот асфалт и поставување на нов слој. Инвестицијата изнесува околу 100 милиони денари.

На настанот присуствуваа и пратениците Даниела Колева, Лолита Ристова, Панчо Минов, неготинскиот градоначалник Тони Делков. Запрашан зошто не беше присутен кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев, премиерот Заев рече дека градоначачникот на Кавадарци е добар соработник со Владата за многу проекти од кои бенефитот го имаат граѓаните, како што се соработува и со други градоначалници. Не бил поканет бидејќи се ближат избори, па не се сакало некому да се биде од корист или да му се наштети. Заев рече дека никогаш не ги делеле градоначалниците и соработуваат со сите, во интерес на граѓаните.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e