Претседателот на Владата Зоран Заев, заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, заедно со градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски и градоначалничката на Битола Наташа Петровска, остварија средба со претставници на околу 120 компании од пелагонискиот регион.
На средбата беа презентирани економските политики на Владата за поддршка на развојот на компаниите во Северна Македонија, реализацијата на инфраструктурните проекти во Пелагонискиот регион, како и планирани реформи во образовниот систем и реформите во политиката за прекршоци.
Премиерот Заев истакна дека пелагонискиот регион е особено важен за економијата на Република Македонија со оглед на фактот дека компаниите од овој регион прават 12% од Бруто домашниот производ во земјата.
Премиерот даде осврт на дел од позначајните инфраструктурни проекти за подобро поврзување на пелагонискиот регион со остататокот од земјата, но и со соседна Грција, во насока на обезбедување на посигурен, поефикасен и побрз транспорт на производи и за повисока конкурентност на регионот.
„Реализацијата на експресниот пат Градско-Дреново-Прилеп, оди според предвидената динамика. Се подготвува проектната документација за патот Прилеп-Битола, двата проекти се значајни за севкупниот развој на пелагонискиот регион. Разговаравме и за идејно решение преку Бабуна-Велес-Прилеп до граничниот премин Меџитлија, како и проектната документација за проекти кои започнуваат, обиколницата околу Битола и експресниот пат до Меџитлија кон Грција. Ја најавивме и програмата во вредност од 70 милиони евра за изградба и реконструкција на локални патишта за проектот „Македонија без кал“, подвлече Премиерот Заев.
„Растот на БДП од 3,7% во четвртиот квартал на 2018 година, односно растот од 2,7% на годишно ниво е резултат на работата на реалната економија и јас честитам на компаниите кои придонесоа со својата работа да се оствари овој резултат. Токму затоа го проширивме опфатот на компании кои може да аплицираат на мерките од Законот за финансиска поддршка на инвестиции. Сега трговските компании, кои реализираат производство стануваат корисници, исто така и компаниите од ИТ индустријата, како и компаниите од преработувачката индустрија од земјоделството да бидат корисници на Законот. Знаеме дека компаниите имаат проблем со наоѓање соодветни работници, односно надополнување на работници во ситуации кога тие самоволно си заминуваат, и затоа сега е олеснет еден од главните критериуми, кадешто се дозволува на компаниите и со намалување на вработени до 5%, да можат да аплицираат за државна поддршка “, објасни Анѓушев.
Само во првиот инвестициски бран вложуваме преку 80 милиони евра за изградба и реконструкција на патиштата, но вложуваме и сериозни инвестиции за проектирање за изградба на нови автопатски и експресни решенија и поврзување со јужниот сосед. Често пати се зборува за брза врска низ Пелагонија, па сакам да спомнам што се работиме за ова да го реализираме. Имено тргнувајќи од Скопје па се до патарина на Градско е автопат кој на одредени делови во моментов го реконструираме. Понатаму од Градско до Прилеп веќе градиме експресен пат, кој верувам дека за година до две ќе биде комплетно готов. Потоа од Прилеп па до Битола оваа година ќе се распише тендер за изработка на проект за изградба на автопатско решение, ова е посебно барање на сите од овој регион. Од Битола до ГП Меџитлија веќе следната година започнуваме со рехабилитација на целата траса, инвестиција од околу 2 милиони евра, а во меѓувреме работиме на проект за изградба на нов експресен пат Битола-Меџитлија“, нагласи Сугарески.
