На денешната трибина во Куманово, премиерот Заев уште еднаш ги повтори мерките коишто ги донесе Владата, а коишто придонесоа за големи заштеди кај граѓаните, како што се евтината дневна тарифа за струја и укинување на радиодифузната такса.
Во своето обраќање пред присутните граѓани на трибината, премиерот Заев посочи и дел од проектите коишто се важни за Куманово и кумановскиот регион, како замена и инсталација на куќни, комбинирани, индустриски и ултразвучни водомери и нивна интеграција во систем за далечинско отчитување во системот за водоснабдување на општина Куманово, во вредност 1.6 милиони евра, потоа проектот за употреба и одржување на дел од водоснабдителен систем на град Куманово, во вредност 747 илјади евра, како и изградба на пречистителна станица за вода за пиење за регионален водоснабдителен систем Липково.
Во насока на развој на тој регион, како што додаде премиерот Заев е насочувањето на 47% повеќе пари за поддршка на бизнис секторот, со крајна цел отворање на нови работни места и повисоки плати коишто ќе ги задржат младите.
„Сега немаме повеќе изговори, Република Северна Македонија може да биде достојно место за живеење. Создаваме услови, поради коишто сите ќе сакаат да останат тука“, заклучи премиерот Заев во своето воведно обраќање на денешната трибина со граѓани „Фер општество – шанса за сите“, којашто се одржа во Куманово.