Забрзано се проветрува судството, „падна“ уште една судијка поради злоупотреби

Судскиот совет донесе одлука за разрешување на судијка од Основниот кривичен суд во Скопје поради нестручно и несовесно вршење на функцијата. Таа се наведува дека го злоупотребила АКМИС-системот, кој електронски ги дели предметите кај судиите. Судијката подолг период не се појавувала во Судскиот совет, ниту на работното место во Судот за прекршоци. Постапката против неа била водена година и половина.
„Не можам да ви кажам за кого одлучувавме, но факт е дека имавме посебна точка за утврдување одговорност на судија и нашата одлуката е дека се разрешува од функцијата судија на конкретниот суд поради повреда на одредбите од судскиот деловник по однос на примената на АКМИС. Подетално не можам да ви кажам за предметот од причини што мораме да ја почитуваме презумцијата на невиност“, информираше претседателот на Судскиот совет, Киро Здравев по одржување на седницата. Кога одлуката ќе стане правосилна. ќе биде објавена во ‘Службен весник’, најави тој. Иако Здравев не го соопшти името на судијката, неофицијално медиумите посочија дека станува збор за поранешната в.д. претседателка на Кривичниот суд, Татјана Михајлова. Таа го наследи на функцијата Владимир Панчевски – но и двајцата „се лизнаа“ поради обвинувања за злоупотреби со АКМИС-системот.
Има право на жалба

Одлуката за разрешување не е правосилна, а судијката има право на жалба и до Врховен суд. Михајлова стана в.д. претседателка на Кривичен во декември 2016 година, а во март 2017 поднесе оставка. Пред неколку години медиумите известуваа за спорниот годишен распоред кој Михајлова го донесе. Со него судии кои одобруваа притвори на поранешни функционери од ВМРО-ДПМНЕ и се залагаа бомбите да бидат докази во судница, беа прераспределени да судат прекршочни предмети.

Михајлова е втора судијка кај која се лоцирани злоупотреби со АКМИС-системот. Нејзиниот претходник Владимир Панчевски беше осуден на 3.5 години затвор за злоупотреба на службената положба и овластување, бидејќи во периодот од 2013 до 2016 година, како претседател на Кривичниот суд, беше обвинет дека рачно доделувал предмети кај подобни судии. На ваков начин, според обвинението, распределил околу 40 предмети, меѓу кои и два случаи на Специјалното јавно обвинителство.
Целата тема прочитајте ја на Дојче Веле.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e