Со казни од сообраќајни прекршоци, државниот буџет во изминатите 5 години се наполнил со над 16 милиони евра или во просек, по 3 милиони евра годишно. Според официјалните податоци што ги доби ТВ24, најмногу казни биле напишани во периодот од 2014 и 2015 година, а најмалку минатата година. Во 2013 полицијата од граѓаните наплатила 3 милиони евра за сообраќајни прекршоци. Во 2014 година пак, дури 4,5 милиони евра, додека следната 2015 година биле наплатени над 4 милиони евра за прекршоци. Во последните две години, додека земјата беше во длабока политичка криза и во изборна кампања, казните за сообраќајни прекршоци биле преполовени. Па така во 2016 година бројката паднала на 2,4 милиони евра, додека за изминатата година биле наплатени 2,5 милиони евра за сообраќајни прекршоци.
Наплатени казни за сообраќајни прекршоци:
2013 година – 3 милиони евра
2014 година – 4,5 милиони евра
2015 година – 4,1 милиони евра
2016 година – 2,4 милиони евра
2017 година – 2,5 милиони евра
Граѓаните со поделени мислења, за дел од нив висината на сумата е преголема за просечната македонска плата, за некои пак казните се премали и треба да се покачат. Сепак, во едно се согласни, сумите можеби се високи, но казните се потребни.
„Треба казни, особено за паркирањето на пешачки“,
„Јас би ги казнила сите, никој не поминува на зелено на семафор“,
„За нашите плати се високи казните, но има сообраќајна некултура“,
„Изгледа државата нема други извори, па ќе ги казнува граѓаните“, велат анкетираните граѓани
Се погласни се критиките во јавноста за сообраќајната култура на граѓаните. На социјалните мрежи секојдневно се споделуваат и слики од учесници во сообраќајот кои прават разни прекршоци – од паркирање на непрописни места, до возење во спротивна насока. Пред десетина дена на социјалните мрежи имаше остри реакции и на адреса на министерот за правда Билен Саљији, неговото службено возило беше неколку пати сликано како е непрописно паркирано пред министерството за правда.
Граѓаните од една страна се жалат на високите казни за сообраќајни прекршоци, но од друга страна пак, сообраќајните несреќи од година во година се зголемуваат.
Полицијата апелира за поголема сообраќајна култура и прилагодување на возењето согласно пропишаните правила на патиштата. Сепак, само во викендот што измина, во градот Скопје, според МВР се случиле 25 сообраќајки, во кои едно лице го загубило животот, а дваесетина други биле повредени.
Извор: 24 телевизија