За 61 % од гласачите на ВМРО-ДПМНЕ и за 62 % на Левица членство во ЕУ не е добра работа

Вкрстените податоци според партиската афилијација на учесниците во истражувањето ги објави извршниот директор на „Евротинк“, Димитар Николовски, во гостување во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат. Кај гласачите на СДСМ, 63,7 % веруваат дека зачленувањето во ЕУ би било добра работа

По речиси две третини од поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ и на Левица сметаат дека членство на земјава во Европската Унија не би било добра работа, покажуваат податоците од истражувањето на јавното мислење насловено „Еврометар“, кое за потребите на „Евротинк“ – Центар за европски стратегии, го спровела агенцијата „Брима“ преку компјутерски асистирана телефонска анкета во периодот од 12 до 27 декември 2022 г. на репрезентативен примерок од 1 006 испитаници.

Вкрстените податоци според партиската афилијација на учесниците во истражувањето ги објави извршниот директор на „Евротинк“, Димитар Николовски, во гостување во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат. Поконкретно, 22,5 % од поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека членството на С Македонија во Европската Унија би било добра работа, додека 61,4 % одговориле дека тоа не би било добро. Кај гласачите на СДСМ, 63,7 % веруваат дека зачленувањето во ЕУ би било добра работа, а 16,8 % обратно. Кај поддржувачите на Левица бројките се речиси исти како кај ВМРО-ДПМНЕ – 25 % сметаат дека би било добро, а 62 % дека членство на земјава во ЕУ не би било добра работа.

Кај партиите на Албанците, за 90,5 % од поддржувачите на ДУИ влез во Унијата би била добра работа. Така мислат и 71,3 % од гласачите на Алијанса за Албанците и 76,5 % од оние што ја поддржуваат БЕСА.
Севкупно, за 49 отсто од испитаниците во анкетата влез во ЕУ е добра работа, што е пад за дваесет процентни поени во однос на ланската анкета.

Според директорот на „Евротинк“, огромниот пад на поддршката се должи на заморот кај граѓаните – од една страна, внесувањето многу енергија, а од друга – разочарувањата од ветата од Франција, па од Бугарија.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e