Врховниот суд ќе одлучува за замрзнување на имотот на ВМРО-ДПМНЕ

Врховниот суд следниот четврток ќе одлучува по барањето на Специјалното јавно обвинителство да се замрзне имотот на ВМРО-ДПМНЕ, дознава НОВА ТВ од извори во судот, пишува Нова ТВ.

Барањето за заштита на законитоста за случајот „Талир“ до највисокиот суд СЈО го испратило во јули, а Врховен го стави на дневен ред на 14. септември, непосредно пред почетокот на изборната кампања за локалните избори. Специјалното јавно обвинителство бара замрзнување на имотот на ВМРО-ДПМНЕ во рамки на истрагата за случајот „Талир“, бидејќи се сомневаат дека е стекнат на незаконски начин.

СЈО во мај поднесе две барања до Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 за обезбедување на имотoт на ВМРО-ДПМНЕ, односно за определување на привремена мерка – забрана за отуѓување и оптоварување на дел од недвижен имот кој потекнува од извршено кривично дело. Кривичниот совет во двата наврати го одби барањето на СЈО. Последната инстанца каде можеше да се обрати СЈО е Врховниот суд, кој на седницата следниот четврток закажа седница на која ќе одлучи дали ќе го прифати или не барањето.Советот на Врховниот суд истиот ден, на 14 септември, ќе расправа и по барањето за заштита на законитоста поднесено од СЈО во случајот „Пуч“ за пресудата на шестообвинетиот Звонко Костовски.

Инаку, во случајот „Талир“ првоосомничен е Никола Груевски како лидер на ВМРО-ДПМНЕ, заедно со Кирил Божиновски, Илија Димовски, Даниела Рангелова, Александар Бичиклиски, Емил Димитриев, Миле Јанакиески, Иво Котевски, Илија Ристовски, Билјана Бришкоска – Бошковски, Леко Ристовски и Елизабета Чингаровска.

Според предистражната постапка на СЈО, од 2009 до 2015 година осомничените прифатиле незаконски средства за финансирање на партијата во вредност од 4,9 милиони евра. Овие пари, наместо да се вратат во буџетот како што налага законот, биле искористени за незаконско финансирање на партијата.

За да се „исперат“ овие пари, според СЈО, биле користени различни начини, а еден од нив биле наводни уплати на жиро-сметките на партијата од различни физички лица под превозот „донации“ и „членарини“.

Со овие средства, меѓу другото, биле склучени 71 договори за купување недвижен имот, а дел од овој имот не се користел за партиски, туку за приватни цели.

Катица Јанева не поднесе обвинение за предметот „Талир“, но најави дека ќе ја продолжи истрагата за незаконското финансирање на партијата која десет години беше на власт. Изминатите години ВМРО-ДПМНЕ се стекна со огромен имот и стана најбогата политичка партија во Европа.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e