Полициски службеници на Секторот за внатрешни работи од Тетово денеска утринава на неколку локации во Тетово, во приградската населба Мала Речица, како и во селата Џепчиште и Порој спроведоа контрола за откривање странски државјани, кои непријавено престојуваат и работат на во тетовско – гостиварското подрачје, соопшти денеска портаролот на СВР Тетово Марјан Јосифоски.
При тоа откриени се и приведени се 31 албански државјани на различна возраст од 20 до 50 години, кои непријавено престојувале. По кусото задржување, албанските државјани предадени се во Отсекот за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија за натамошна постапка.
Во тетовско – гостиварското подрачје економските мигранти од Албанија, кои непријавено влегуваат во Македонија, работат во периодот од април до октомври во текот на годината на земјоделски работи, како и во градежништвото. Полицијата во своите акции врши проверки и дали некои од тие лица од Албанија се евентуално вмешани во извршување одделни видови кривични дела, по што во таквите случаи се преземаат и соодветни мерки.
МКД.мк од свои сигурни извори дознава дека последниот таков случај беше евидентиран вчера кога А.А. (24) од Либражд, Албанија, исто така економски мигрант од Албанија, беше фатен по кражбата на сума од 3 илјади до 8 илјади денари од доброволни прилози на муслиманските верници од незаклучениот сеф на џамијата „Табана” во Тетово.
Според судски извори, А.А. веднаш бил изведен пред судија, кој му изрекол условна казна од 3 месеци затвор, а потоа бил веднаш протеран од Република Македонија со забрана за влегување во нашата земја во рок од 3 години.