Во Македонија има најмалку 800 лица „фантоми“

Според проценките на УНХЦР во Македонија има најмалку 800 лица без документи и државјанство, од кои на 300 им е помогнато да станат полноправни членови на заедницата.

Се претпоставува дека бројката на овие лица „фантоми“ е поголема и оти за таа точно да се утврди и потоа да се реши потребно е подигање на јавната свест за таквите лица сами да се пријават, но и законски измени да се отстранат административните пречки и да им се помогне да го надминат проблемот.

– Ние пред три години направивме истражување и идентификувавме отприлика 800 лица кои имаа проблем со немање документи и државјанство. Успеавме да решиме 300 случаи. Треба да ја подигнеме јавната свест со темелни и сеопфатни кампањи и на ваков начин луѓето кои имаат проблем ќе истапат и ќе побараат помош ако се убедени дека таа помош ќе им биде дадена. Мислам дека знаеме за 800, но надвор има повеќе луѓе кои се соочуваат со овој проблем, рече Даг Сигурдсон од УНХЦР на презентацијата на Извештајот #IBelong.

– Тие лица немаат пристап до ниту едно право, а со тоа ги правиме најисклучени од општеството и ги правиме да влезат најдлабоко во сиромаштија. Затоа, за нас тоа е приоритетно прашање, бидејќи ако социјалните ризици се генерираат кај многу деца во Македонија тие стануваат потенцијални социјални корисници или граѓани кои ќе живеат во длабока сиромаштија во идниот период, рече министерката за труд и социјална работа Мила Царовска.

Неопходно е, вели Царовска, да се направи и регистар на граѓани, бидејќи во моментов нема точна бројка колку лица во Македонија се без документи.

Треба да се отстранат административни пречки, бидејќи, како што посочи, тоа е техничко, а за овие граѓани животно прашање.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e