Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во болниците низ земјава е 1448, а слободни се околу 270 кревети, информира Министерството за здравство.
Поради компликации од корона вирусот во Скопје во изминатото деноноќие се хоспитализирани 81 пациент. Слободни се 70 кревети.
Според податоците од Министерството за здравство, на интерните и хируршките клиники во Скопје имало 46 приеми, во ГОБ „8 Септември“ примени се седум пациенти и 14 нови пациенти се хоспитализирани на Инфективната клиника. Во болницата во Козле примени се 4 нови пациенти и 5 деца на Клиниката за детски болести.
На инфективните оддели во Скопје се лекуваат вкупно 613 лица. Голем дел од пациентите се на кислородна поддршка.
– Бројот на приеми во изминативе денови е зголемен и утрово до 8 часот имало 70 слободни места, а се очекува во текот на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места, велат од Министерството за здравство.
По извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во болницата во Битола се хоспитализирани 79 пациенти позитивни и суспектни на КОВИД-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 60 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 35 пациенти, во Велес се лекуваат 67 болни, а во Куманово 116 пациенти позитивни и суспектни на КОВИД 19. Во ковид центарот во Охрид има хоспитализирано 94 пациенти, во Прилеп 119, во ковид центарот во Гостивар 36, а во Струга 14 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 69 пациенти, во Кочани 21 во Кичево 23, Кавадарци 75, а во Гевгелија 27 лица, позитивни и суспектни на корона вирусот.
Од Министерството за здравство велат дека сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород, а доколку има потреба, одделенијата ќе бидат дополнително проширени.
