ВМРО-ДПМНЕ не дојде на трибина на која Солидарност, Студентски пленум и СДСМ зборуваа за младите и иселувањето

На денешната трибина „Најголемите актуелни предизвици за глобалната интеграција на Македонија“, на која што не присуствуваше поканет претставник на ВМРО-ДПМНЕ, излагања имаа Ѓорѓи Пулевски од „Солидарност“, Деа Здравковска од „Студентски пленум“, и Радмила Шекеринска од СДСМ.
Трибината беше организирана од Обединета македонска дијаспора и од МЦМС.

Деа Здравковска од „Студентски пленум“ во своето излагање ја опиша борбата на студентите за правото на образование.

Ѓорѓи Пулевски од „Солидарност“ ја опиша Македонија како земја со најголеми класни разлики, од тука до Владивосток.

Во обраќањето на заменик претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска, таа ги потенцираше причините за големото иселување:

„Едно е чувството дека работите во Македонија одат кон лошо. Голема недоверба кон македонските институции. Голема недоверба во тоа дека системот функционира, без разлика кој си и како си. Навистина е проблем што правосудниот систем во Македонија денеска има полош „имиџ“ дури и од тој што го имало пред 25 години, пред 15 години и слично. Чувството дека Законот не работи за тебе, туку дека Законот може да биде злоупотребен против секој граѓанин. Значи чувството на непостоење заштита од институциите мислам дека е причина број еден.

Второто чувство е чувство на држава во изолација. Можеби зборот е пресилен но меѓутоа се повеќе и повеќе Македонија како да го губи фокусот па дури и интересот за глобалните интеграции. Кога последен пат сме дискутирале за членството во ЕУ и НАТО?

Денеска го коментираа новиот извештај на Европската унија за парите и начинот на кои тие се користат на Западен Балкан. Страшно е! 12% Македонија само успеала да потроши од парите кои што од 2007 и се на располагање, некаде над 600 милиони евра. Не е кредит, нема да те држат во заложничко ропство, не мора да ги враќаш парите, значи 600 милиони евра, кои што може да се искористат за инфраструктура, за владеење на право, за медиуми, за невладини организации, за создавање работни места, за работнички права, за заштита при работа, 12% само се искористени. Меѓутоа за мене една табела за потсетување е кога ќе го видите списокот со земји, и кога ќе погледнете дека Македонија нема преговори, исто како и неколку други земји, додека Црна Гора со кандидатски статус од 2010 година има 22 отворени поглавја. Две се веќе затворени.“

Шекеринска зборуваше и за нееднаквоста како причина за иселување, а и за одливот на образовани кадри:

„Македонската средна класа е премала, и тоа е еден од клучните проблеми за да развиеме демократија која ќе се грижи сама за себе. Со овој одлив на млади кадри тоа станува уште полошо. Македонија не е рекордер по бројот на луѓе кои замнаа последниве 10 години, но е рекордер, неславен, по бројот на луѓе со универзитетска диплома кои што заминаа.

Тоа значи Македонија ги пораснала, ги лечела, им дала основно, средно образование, финансирала какво-такво и високо образование, и во моментот кога можеле да вратат во економијата, ги губиме. Целта мора да ни биде да го реформираме образованието, за да на тие коишто сакаат да останат, да им даде Македонија, да им дадеме сите заедно, шанса да останат.“

Трибината заврши со поентата на Деа Здравковска од „Студентски пленум“, која укажа дека се додека немаме институции кои ќе ги ислушуваат студентите и младите, тие ќе бидат на улица.

Извор: Слободна.мк.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e