Гордана Димитриевска Кочовска и Тимчо Муцунски се двајцата нови потпретседатели на ВМРО-ДПМНЕ. Потпретседатели на ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат да бидат досегашните Владо Мисајловски и Александар Николоски, а Ѓорѓија Сајкоски и понатаму ќе остане генерален секретар на партијата.
Ова вечерва го соопшти претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, по Централниот комитет, кој избра нови ќленови на Извршниот комитет на партијата.
Нови членови на Извршниот комитет се аналитичарот и долгогодишен граѓански активист Сашо Клековски, поранешната вицегувернерка на Народна банка Маја Кадиевска-Војновиќ, Ристо Симеонов, специјалист по детска хирургија, доктор кој ја изврши првата трансплатација на бубрег кај дете во земјава. Тој е и претседател на Здружението на детски хирурзи на Македонија и член на европско и светско Здружение на детски хирурзи.
Во составот на Извршниот комитет се и доктор Мевмет Џафери од Маврово Ростуше, пратениците Ели Панова од Струмица и Миле Лефков од Кочани, Луке Галески, актуелен советник на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје. Нови членови се и актерот Зоран Љутков од Велес, кој е и претседател на Советот на општина Велес и актуелната портпаролка на ВМРО-ДПМНЕ Марија Митева.
