По заминувањето од Царина Влатко Мијалков веднаш се вработил во Капитал Поинт Скопје, дознава Телевизија 24 од добро упатени извори. Новото работно место го официјализирал од 23 февруари.
Според податоците од Централниот регистар, фирмата капитал Поинт во која Влатко Мијалков е вработен се занимава со трговија и услуги, но оваа фирма е во сопственост на две други фирми, Поинт Корп и Астобан Скопје, кои се занимаваат со градежништво, трговија и услуги.
Како што објави вчера телевизијата, Мијалков си дал отказ минатата недела, а од Царина потврдија дека работниот однос му е прекинат на негово барање.
Според инфорамциите на Телевизија 24 Влатко Мијалков најголемиот дел од својот работен век го поминал во Царината каде што почнал да работи уште во 1999 година. Две години беше директор во Национална платежна картичка, фирма во која во управниот одбор беше поголем дел од раководството на ВМРО-ДПМНЕ. Подоцна, во 2003 година Влатко Мијалков повторно се враќа во Царинската управа каде останува до минатата недела. Тој бил советник на поранешните директори, Ванчо Каргов и Наташа Радевска Крстевска, но новото раководство го прераспоредило на место самостоен советник во управна постапка.