Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, во делот на враќањето на парите кај граѓаните, на брифингот со новинарите, најави и проекти кои со големи заштеди ќе обезбедат функционирање на други, поквалитетни сервиси за граѓаните.
„Има распишано тендер за биохемиските препарати од лабораториите. До сега државата плаќала 21,5 милион, од кои 6,5 милиони годишно биле за поправка на сите апарати, во сите 126 здравствени институции во Македонија, и 15 милиони евра за препаратите. Сега веќе имаме понуди за вкупно 15 милиони евра. Тоа е за 6,5 милиони евра поевтино. Ако ги централизираме клиниките, преку централните јавни набавки, и ако ги намалиме трошоците по управни одбори, за комисии кои што одлучуваат насекаде, имаме право да очекуваме дека ќе обезбедиме пари за плата до 100 илјади денари за лекарите и 8-те милиони евра кои што ни требаат за да го воведеме бесплатното болничко лекување за сите. Значи, не со нови кредити, туку со штедливо работење“, нагласи премиерот.
Заев рече дека донесувањето на прогресивното или фер оданочување ќе влијае на социјалните аспекти во државата. Само треба да се избере најсоодветниот модел.
„Ако успееме, а тоа ќе го знаеме до крајот на септември оваа година ќе бидеме подготвени од 1 јануари да донесеме закон и одлуки социјалната помош од просечно 4.200 денари да ја покачиме на 11.550 денари. Тоа не е покачување за 10 отсто, туку е три пати повеќе и е за најсиромашните и најранливите категории. Ама притоа тие мора да прифатат работа кога ќе им понуди државата. Не може да се водат на 12 илјади денари, а да одбиваат работа. Активните баратели мора да прифатат работа“, истакна премиерот.
Тој додаде дека во државата има ранливи категории кои социјалната помош ја добиваат од тој аспект.
„И ако тоа го успееме се создава резервоар од финансиски потенцијал за да воведеме државна социјална пензија. Во државата имаме повеќе од 15 илјади мажи кои навршиле 65 години, немаат 15 години стаж и немаат пензија. И не може државата да не се запраша од што живеат тие луѓе. Државата мора да води грижа за нив, затоа што работеле 14 години, давале свој придонес или најголем број се земјоделци кои плаќале ДДВ, даноци и сметки. Тоа мора да го исправиме“, рече Претседателот на Владата на РМ Заев.
Според премиерот, целиот овој пакет мерки е целосно поврзан со транспарентноста и чесноста, која мора да ги реализира непродуктивните трошоци и да донесе штедење за да се реализираат ваквите аспекти.
„Ако успееме 60 отсто од тоа што го планираме, тогаш ќе постигнеме раст од 3,2 отсто, а ако реализираме 80 отсто ќе имаме раст од 4 отсто“, додаде премиерот Заев на оваа тема, и порача дека и јавната администрација треба да работи квалитетно за да има покачување на нивните плати.