Владата на Република Македонија го разгледа и утврди текстот од предлог законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на укажувачите и го достави до Собранието на Република Македонија на понатамошно усвојување. Со овој предлог закон се врши усогласување со меѓународните стандарди пропишани во оваа област, се обезбедува поголема заштита на укажувачите со што Владата на Република Македонија јасно ги потврдува политиките на борба со корупцијата.
Претседателот на Владата, Зоран Заев во насока на преминување во делот 9, од планот 3-6-9, на владината седница најави дека до крајот на јануари ќе се формира ново тело „Совет за следење на имплементација на стратегијата во правосудството за период 2017 – 2022“ со кое ќе претседава лично тој.
Воедно премиерот Заев, на 48 седница јавно им се заблагодари за завршената успешна работа на членовите на Советот за реформи во правосудството кој работи во рамките на Министерството за правда, и кои активно работеа на изработка на Стратегијата како обврска предвидена во деловите 3 и 6 од планот 3-6-9.