Владата на денешната седница ја усвои Информацијата со планирани активности за дигитализација во судството за 2021 година.
Планот, како што соопшти владината прес-служба, содржи активности кои ќе се одвиваат во повеќе фази, започнувајќи од измени на постоечката легислативна рамка како основа за преземање процесни дејствија (е-маил и Е-достава) со учесниците во постапките, ИКТ алатки за судења на далечина или изведување само на некои докази на тој начин, преку обезбедување на судовите со соодветна ИКТ опрема, интернет конекција и други потребни уреди за изработка на електронски документи, користење дигитални сертификати (потписи) и дефинирање на дигитален идентитет за странките, адвокатите и другите учесници во постапката, како и унапредување на АКМИС-от, обезбедување доволно ИТ кадри и нивна континуирана обука за користење на системот и опремата.
-Покрај опремувањето на повеќе од 100 судници низ 34 судовите во Северна Македонија (27 основни судови, четири Апелациски судови, Управен и Виш Управен како и Врховниот суд), со планот за дигитализација во судството се предвидува да се опреми и судница во рамки на Академијата за судии и јавни обвинители како и во Затворот Идризово, информираат од Владата.
Опремувањето на судниците за онлајн судење, како што е наведено во соопштението, е предвидено да се реализира до крајот на 2021 година.