Владата денеска ја донесе Уредбата за организацијата и функционирањето на единствениот комуникациско-информативен систем со единствен број на повикување во случај на ризици, опасности и други несреќи на целата територија на Републиката – Е-112.
Е-112 има за цел да обезбеди континуитет на управувањето со итни повици, како унапредување на мерките и апликациите за навремено определување на локацијата со цел брза и навремена реакција на сите служби опфатени во системот за справување со кризи.
Е-112 исто така обезбедува брзина и ефикасност во постапувањето при итни повици за итни случаи за помош и се овозможува достапност до системот на сите лица на територијата на Република Северна Македонија, без надоместок од сите телефонски мобилни или фиксни оператори.
Владата денеска исто така, донесе заклучок да го повлече Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета од собраниската постапка и на усвојување пред пратениците да го достави новиот текст на предлог-законот во кој во членот 6 е избришана формулацијата „негативно мислење“.
Со таа измена членот 6 од предложениот закон гласи: „За навреда одговара тој што со намера да омаловажи, со изјава, однесување, објавување или на друг начин ќе изрази за друг со утврден или очевиден идентитет омаловажувачко или понижувачко мислење, со кое се повредува неговата чест и углед“.
На денешната седница Владата ги усвои измените и дополнувањата на Законот за минимална плата во согласност со одлуките од Економско-социјалниот совет.
Со овие измени со кои најмалиот износ на минималната плата почнувајќи од мартовската плата не може да биде помала од 18.000 денари, во законска рамка се ставени и донесените измени за редовно годишно усогласување на минималната плата со 50% од годишниот раст на просечната плата и 50% од растот на трошоците за живот, како и критериумот според кој висината на минималната плата нема да може биде пониска од 57% од просечната плата објавена според Државниот завод за статистика.