Портпаролите на Владата, Душко Арсовски и Муамет Хоџа на денешната прес-конференција, информираа за донесените одлуки и заклучоци од 37-та седница на Владата и одговараа на прашања од интерес на јавноста и медиумите.
Донесена е одлука за укинување на царината за увоз на масло од сончоглед за јадење. Со ова, како што истакнаа, ќе се даде можност до 31 мај годинава да се увезат потребните количини од овој продукт од земји кои не се предмет на повластени царински стапки. Исто така, ќе се обезбедат доволно количини за домашниот пазар и ќе се намали притисокот за раст на цените на овој производ како резултат на глобални трендови.
Портпаролите информираа дека Владата го продолжува и рокот на примена на ограничување за извоз на одделни стоки, до 15 мај годинава. Ограничувањето се однесува на извозот на пченица и наполица, јачмен, пченка, брашно од пченица и наполица, семе од сончоглед, масла од семе од сончоглед, шафраника или памуково семе, како и извоз на луцерка. Овие стоки, како што подвлекоа, се потребни за преработка и производство на основни прехранбени продукти за граѓаните до новата домашна реколта.
На прес-конференцијата беше информирано дека Владата на вчерашната седница го утврди и текстот на Предлог-законот за финансиската инспекција во јавниот сектор, на предлог на Министерството за финансии. Целта на овој закон е заштитата на јавните финансиски интереси во финансиското управување со средствата на државниот буџет, буџетите на единиците на локалната самоуправа и средствата од други јавни извори како и средства на ЕУ фондовите, со утврдување на законитоста и нивното ефикасно и одговорно користење во согласност со посебните прописи кои ја пропишуваат надлежноста за спроведување на финансиска инспекција.