Компанијата „Витаминка“ соопшти дека донирала пакети производи за 450 здравствени работници од Инфективната клиника во Скопје, од Модуларниот ковид центар во Штип и од Инфективното одделение од Прилеп, кои секојдневно се вклучени во борбата против Ковид-19.
Здравствените работници, како што се посочува, во пресрет на велигденските празници добиле пакет производи од „Витаминка“ и пакет масло „Брилијант“. Од компанијата велат дека целта на донацијата е да ја искажат својата поддршка и благодарност за пожртвуваноста во негата на пациентите и справувањето со состојбата со пандемијата.
– Здравствените работници во инфективните клиники остануваат нашите херои во целиот овој период. Тие се најмногу изложени на ризик од болеста, а истовремено се единствените што можат да ја дадат негата за болните од Ковид-19. Освен поддршката за нив, што треба да биде постојана, можеме да помогнеме само со нашето одговорно и совесно однесување да се заштитиме и нив да ги поштедиме. Витаминка, својата поддршка ја изразува и преку оваа донација и уште еднаш ја искажува благодарноста за нивната работа и пожртвуваност, велат од компанијата.
Додаваат дека од почетокот на пандемијата три пати донирале пакети со производи за медицинскиот персонал во одделенијата каде се згрижени пациенти со Ковид-19, а во повеќе наврати медицински препарати и заштитни средства за инфективните одделенија.
