Еден од обвинетите во предметот на СЈО „Тврдина-Таргет“ е Владимир Варелов, чиј идентитет го украл Горан Грујевски за да патува надвор од Македонија. Варелов и Грујевски биле колеги во УБК.
Варелов денеска беше присутен во судницата на рочиштето за „Тврдина-Таргет“, кое беше одложено поради отсуство на еден од адвокатите.
Пред неколку месеци во јавноста беа објавени информации дека ексначалникот на Петтата управа во УБК, Горан Грујевски, кој исто така е обвинет во предметот „Тврдина-Таргет“, имал уште еден идентитет со име Владимир Варелов, со кое патувал надвор од земјата.
Грујевски и Никола Бошковски се во притвор во Солун. Тие денеска ќе ја слушнат одлуката на судот дали ќе бидат екстрадирани во Македонија. И двајцата беа уапсени од грчката полиција на аеродромот во Солун на 18 октомври годинава при обид со лажни бугарски пасоши да заминат со авион за Будимпешта.
Извор: Макфакс