Жртвите од несреќата во Бугарија денеска од скопскиот аеродром беа достојно испратени до вечните почивалишта. Телата на 45 жртви од автобуската несреќа со два авиони на бугарското воено воздухопловство околу 11 часот пристигнаа на аеродромот во Скопје.
На церемонијата присуствуваше државниот врв и гости од странство. Посмртните останки потоа беа префрлени до нивното вечно почивалиште. Граѓаните им одаваа почит на жртвите на плоштадот Скендербег.
Посмртните останки на 45 жртви од автобуската несреќа во Бугарија со два воени авиони беа донесени на аеродромот во Скопје каде беше организиран државен дочек.
Припадници на армијата најпрвин ги префрлија посмртните останки во погребални возила, по што почит на жртвите со положување на венци со цвеќе на пистата им оддадоа претседателот на државата Стево Пендаровски, претседателот на Собранието Талат Џафери, премиерот Зоран Заев, како и лидерот на ДУИ, Али Ахмети и вицепремиерот Артан Груби. Присуствуваа и поглаварот на Исламската верска заедница и други претставници на власта.
