Прва точка на седницата на Централниот одбор на СДСМ ќе биде случајот „Рекет“. Претседателот на СДСМ Зоран Заев, пред почетокот на седницата најави дека ќе има и политичка одговорност за оние што се вмешани во овој случај.
„Одговорноста ја утврдуваат истражните органи за секој што се огрешил пред законот, па дури ако постојат индиции за таа работа ние ќе побараме политичко оградување од него секако се додека не си ја докаже својата невиност или му се докаже вина“, изјави Заев за телевизија Сител.
Тој додаде дека верува оти власта треба да биде најдобар пример на враќање на довербата на владеење на правото, правната држава. Заев порача и дека државата создала целосни услови, истражните и правосудните органи без разлика за кој се однесува, слободно да работат и да постапуваат, при што одлуките треба да се почитуваат од сите.
Заев вечерва на седница на Централниот одбор ќе ги истакне и предлозите за избор на нови потпретседатели на партијата и решението за министер за финансии.
Според информациите, на упразнетото место на Тевдовски ќе биде кандидирана Нина Ангеловска. Таа, заедно со Коста Петров и министерката за труд и социјална политика Мила Царовска ќе бидат предложени за нови потпретседатели на СДСМ, на местата на Петре Шилегов, Фросина Ременски и Благој Бочварски. На функцијата потпретседател од која по локалните избори се повлекоа, се враќаат Оливер Спасовски, Дамјан Манчевски и Мухамед Зеќири.
Извор: 360 степени