За две години над две илјади лекари специјалисти ќе заминат во пензија, а на нивно место нема нови кадри оти младите специјалисти, поради малите плати, заминуваат во странство. Оние кои остануваат се малку, а се помал е и бројот на оние кои би можеле да бидат замена. Најпроблематично е на Клиниката за ендокринологија која и сега кубури со кадар.
„Ние очекуваме огромен одлив на лекарски потенцијал, а особено на младите луѓе. До 2020 година има огромен број на лекари коишто ќе ја завршат својата кариера а ние немаме ни приближно доволно нивна замена, а нема ниту на повидок нови кадри кои треба да ги заменат“, вели Ненад Лазов – Асоцијацијата на млади специјализанти и лекари.
Дел од специјалистите, за Алсат М потврдија дека поради недостиг на кадар се прави проблем и во системот „Мој термин“. Тие велат дека секојдневно освен пациентите од „Мој термин“, морат да прегледаат и над десетина пациенти со приоритетни упати. Тие велат дека по два или три пати го надминуваат дневниот просек за прегледани пациенти. Од Асоцијацијата на млади лекари и специјалисти велат дека за да се мотивираат младите лекари да работат на Клиниките мора да им се даде плата и да им се платат дежурствата.
Министерство за здравство:
Изготвена е детална анализа на постојниот кадар и реалните потреби на јавните здравствени установи за надополнување на кадарот. Согласно приоритетите, Министерството за здравство во соработка со останатите надлежни институции соодветно ќе преземе активности за постепено и системско надминување на недостигот на специјалисти…“
Инаку, проблемот почна да се појавува откако изминатите години државата не одобруваше специјализации, па дел од лекарите заминуваа да се усовршуваат на свој трошок, без никаква обврска да мора потоа да останат во јавното здравство.
извор: Алсат