Со 360 милиони денари од Буџетот ќе се поддржи растот на платите за вработените во трудоинтензивните дејности во земјава – ова го истакна Министерот за финансии Драган Тевдовски при посета на една текстилна фабрика. Со тоа ќе расте продуктивноста на компаниите, но и животниот стандард на работниците.
Со новата мерка за работник кој ќе добие покачување на платата во однос на 2017 година, Државата ќе покрие 30% од тој раст. Растот ќе се споредува со последното тримесечје на минатата година. Мерката ќе се однесува на работници кои имале просечна нето плата до 18.000 денари во последните три месеци на 2017 година.
Поддршката ќе се исплаќа откако фирмата ќе ја исплати платата на вработениот.
Проценките покажуваат дека околу 50.000 вработени, во околу 15.000 фирми, ги исполнуваат условите. Станува збор за помош за т.н. трудоинтензивни компании. Тоа се компании кај кои трошоците за вработени сочинуваат повеќе од 50% од вкупните трошоци.
Министерот ги повика на целосно искористување на средствата.
Како резултат на покачувањето на минималната плата, над 90.000 вработени со полно работно време добија повисоки плати. Просечната плата во државава во јануари и февруари оваа година е за 4.6% повисока отколку во истиот период лани, посочи Тевдовски во насока на потенцирање на добрите практики на власта за повисок стандард.
Според Монетарниот Фонд, со ова е исправена неправдата кај секторите кои земаа пониска плата од минималната. Ефектите најдобро се гледаат токму во овие индустрии. Кај производството на текстил растот на плата во јануари и февруари изнесува 22%, кај облеката 15%, додека во кожарството растот е 17%.
Растот на платите позитивно ќе влијае на растот на продуктивноста на компаниите