(ВИДЕО) Во бегството на Груевски има сериозни индиции за вмешаност на унгарските разузнавачки служби

Во бегството на екс премиерот Никола Груевски од државава има сериозна вмешаност на унгaрските разузнавачки сили. Ова е оценката на националниот координатор за гранично интегрирано управување, Владимир Пивоваров кој својата оценка за ваквите сериозни индикации ја црпи од информацијата на унгарските тајни служби за точната патека и начинот на кој стигнал Груевски кај Орбан. Поранешниот премиер без помош однадвор нема да можел да избега.

-Вториот секретар, заменик амбасадорот најчесто е разузнавач скриен зад дипломатскиот пасош. Конзулот најчесто е од безбедносните служби, па учесниците во она што го презентираа албанските и црногорските власти наведува дека се луѓе од службата, делегирани во дипломатијата. Но загрижува фактот што се случувало на наша територија. Секако дека и од внатре имало силна логистика, тие служби не би можеле сами да го изведат ова без силна логистика во Скопје, вели Пиовваров

За шансите поранешниот премиер Никола Груевски да добие азил во Унгарија треба да се размислува во две насоки – едната е што пишува во меѓународните конвенции и другата е околностите карактеристични за ситуацијата, имајќи пред вид кој е премиер во Унгарија, какви беа релациите наназад и вклученоста на унгарските власти во дел од бегството, смета Трпе Стојановски, експерт за азил.

-Веројатно се големи шансите исходот во однос на барањето за азил да биде позитивен, имајќи ги пред вид индикаторите на кои упатува начинот на кој г. Груевски патувал до Унгарија и особено како е третиран таму. Во однос на меѓународните документи и законот за азил на Унгарија, кој е од пред неколку месеци и е исклучително рестриктивен во однос на можноста да се одобри барањето на азил, не можам да се сетам на друг пример сличен до овој, а барателот на азил да имал привилегиран статус, вели Стојановски.

Откако почнаа судските процеси на СЈО поврзани со Бомбите побегнаа двајца вработени во Петтата управа Горан Грујовски и Никола Бошковски, обвинети за прислушувањето, бизнисменот Сеат Кочан побегна па се врати во земјава. И последниот во низата на бегалци е експремиерот Груески.

Лесностијата со која бегаат функционерите, моќниците и богаташите покажува дека тие не така тешко го изигруваат законот. Според професорот по полициско право Богданчо Гогов, за одговорноста на МВР, важни се два моменти.

-Неговото обезбедување е уредено во Законот за Влада. Уште тогаш имаше реакции затоа што според членот, поранешниот премиер сам одлучува, по негово барање, дали ќе има обезбедување. И уште поинтересно, самиот ги бира лицата кои ќе го обезбедуваат. Владата уште работи по тој закон. Тоа државно обезбедување Груевски можел да го користи според сопствено наоѓање. Тоа е неспоиво со обезбедување на лице како полициска активност, вели Гогов.

Одземањето само на патната исправа како мерка за обезбедување на обвинет во постапката е издржано, но само доколу врз одлуките на органите за прогон на кривични дела нема политичко влијание.

Ние сме во ситуација на заробена држава која со сите соседи има потпишано билатерален договор за патување со лични карти, а за тоа не ги известуваме дека на одредено лице на кое му е одземена патната исправа треба да му биде забрането излегување и со лична карта, односно да биде ставен во системот и ако се појави со лична карта, дека треба да биде спречен, вели Љубомир Ѓурчевски, експерт за организиран криминал.

Последниот во низата на бегалци чии кривични дела произлегоа од прислушуваниот материјал Груевски во моментов чека азил од Унгарските власти. Во тек е процедурата. Премиерот Зоран Заев, вчера најави дека Груевски сепак ќе биде екстрадиран во земјава.

Весна Велкова Тодоровска за 1ТВ

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e