(ВИДЕО) ТВ 21: Нинџа и Kољо се во бегство

Александар Василевски Нинџа и Никола Митровски Кољо се дел од шестемина  по кои сеуште трага полицијата, во врска со насилствата на 27 април во Собранието. ТВ 21 дознава дека меѓу тие што се недостапни се и Митре Питроповски, Дејан Давидовски Дешо и Младен Додевски.

Од МВР засега не откриваат детали околу потрагата, но велат дека проверуваат повеќе локации во земјава. Дека Александар Василевски Нинџа и Никола Митровски Кољо се инволвирани,  СДСМ тврдеше три дена по насилствата на прес конференција посочувајќи ги како лица кои ја насочуваат толпата кон пратениците, а тие се гледаат и на снимките од Собранието.

Пратениците пред судија на претходна постапка беа изведени во средата,  но тогаш меѓу нив не беше и пратеникот Љупчо Димовски. Тој во  телефонска комуникација вели дека нема добиено покана од Кривичниот суд .

Се чини во Судот сè уште не е пристигната собраниската одлука за одземените пратенички имунитети, па ниту обвинителството нема известување од судот. Во вакви околности, адвокатите велат дека  остануваат во сила претходните покани , пред суд да се појават во понеделник и вторник. По информациите дека поради сомнеж околу можна вклученост во собраниските насилства полицијата извршила претрес и во домот на пратеникот на НДП Весел Мемеди и му го одзела мобилниот телефон, тој денеска негираше.

Од 36 лица кои обвинителството за организиран криминал ги сомничи за насилствата во Собранието, повеќето се во ефективен притвор, а неколкумина во домашен. Министерот за внатрешни Оливер Спасовски за ТВ 21 оцени дека за демократскиот напредок на Македонија е важно што побрзо да се расчистат настаните од 27 април.

Досега за насилствата во Собранието условно се казнети 9, за учество во толпа. Напаѓачот на тогаш пратеничката Радмила Шекеринска доби 4 години затвор, а покренато е и обвинение против десет лица за обид за убиство на пратеникот Зијадин Села.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e