(ВИДЕО) Тадиќ: Вучиќ лаже за мерцедесот, тој заедно со Рама, Ѓукановиќ и Орбан помогнаа во бегството на Груевски

Поранешниот српски претседател, Борис Тадиќ, ги отфрли обвинувањата на актуелниот, Александар Вучиќ, дека исто како Груевски набавил скап мерцедес надвор од сите законски прописи.

Вучиќ намерно излажа, изјави Тадиќ. За разлика од Груевски, јас не сум ја злоупотребил службената положба, рече поранешниот српски претседател.

,,Груевски направил кривично дело со лично влијание употребувајќи ја политичката моќ“-рече Тадиќ и потсети дека во Макеедонија за тоа постојат снимени разговори, сведоци и други докази.

Тој рече дека додека бил претседател никогаш не се занимавал, ниту пак се мешал со технички работи, како на пример набавки , тендери и слично, туку за тоа си биле задолжени исклучиво службите наменети за тоа.

Дополнителните набавки на автомобили и претседателски авион во тоа време биле заради загрозена безбедност, а службите процениле дека е неопходно , бидејќи непосредно пред тоа беше извршен атентатот врз премиерот Ѓинѓиќ.

Борис Тадиќ е убеден дека за време на префрлањето на поранешниот македонски премиер Никола Груевски во Унгарија постоел таен, тивок и организиран договор меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ, црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ и премиерите на Албанија и Унгарија, Еди Рама и Виктор Орбан.

„Зад тоа стои фаланга од регионални популисти кои организираат глувчешки канали за пренесување на осудени криминалци“, порача Тадиќ, додавајќи дека не верува во објаснувањето на Вучиќ, бидејќи тој едноставно морал да знае дека неговиот поранешен македонски колега бега низ Србија.

Тој на прес-конференција оцени дека станува збор за организиран договор, бидејќи Груевски беше правосилно осуден за кривично дело и неколку часа го делеа од затвор.

„А ако не знаел, тогаш тој не знае да ја врши својата работа. Тогаш тој е тотален аматер и неук. Тогаш целиот систем е целосно издупчен и ние сме тогаш многу загрозена земја. Има многу причини зошто мислам дека сме загрозена земја, но во овој случај станува збор за очевидно организиран трансфер на човек за кој Вучиќ, Рама и Ѓукановиќ и Орбан знаеле дека само неколку часа го делат од одење в затвор“, рече Тадиќ.

Извор: АКО.мк

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e