Брисел е во право кога вели дека судството назадува. Не може да има излез од состојбата без сепофатни реформи. Ова се само дел од ставовите на претседателката на Врховниот суд Лидија Неделкова за „360 степени“ на Алсат-М, во нејзиното прво телевизиско интервју во кариерата во кое таа отворено говори за актуелните проблеми во третата власт.
На еден месец пред истекот на мандатот, Неделкова јавно прифаќа дека и самата има објективна одговорност за состојбите. Признава дека е долгогодишен пријател на екс-директорот на УБК, Сашо Мијалков, но не и дека приватните односи и политиката влијеле врз нејзината професионална кариера.
Во интервјуто за „360 степени“, Неделкова изјави дека во голем дел се согласува со изјавата на екс-премиерот Владо Бучковски, кој за Судскиот совет рече дека се претворил во монструм наместо да биде заштитник на судиите. На неколкуте прашања за квалитетот на членовите на Советот, таа истакна дека поголем дел од нив не би требало да бидат квалификувани како „истакнати правници“, како што бара Законот. Неделкова признава дека мнозинство во Советот не е во добри односи со неа, укажувајќи дека многупати седниците на ова тело биле закажувани кога тие знаеле дека таа е на службено патување и дека нема да може да присуствува.
Не го поштеди ниту скопскиот кривичен суд, кој постапува по предметите врзани со Специјалното јавно обвинителство. Според неа, претседателот на тој суд, Владимир Панчевски имал навика да праќа укажувања до судиите, што е апсолутно недозволиво. Поради тоа но и поради другите афери врзани со него, Неделкова во интервјуто за „360 степени“ отворено кажа дека тој не заслужува реизбор. Во исто време, упати порака и до оние кои се надеваат дека со одлуките и логистиката на кривичниот суд ќе ја одбранат својата невиност, укажувајќи дека заштитата од него не значи речиси ништо, бидејќи според Неделкова, „помагањето на првостепено ниво е недоволно со оглед дека судските одлуки се евалуираат во повисоките инстанци“. Неделкова беше соочена и со редица прашања за тоа зошто баш сега одлучи јавно да проговори. Нејзиниот одговор беше дека и досега реагирала, но дека таа дебата ја држела внатре судските кругови. Меѓу примерите кои ги спомена е дека во последниве две години министерството за правда ги игнорирало предлозите на Врховниот суд за измени или усогласување на закони. Прашана за Специјалното јавно обвинителство Неделкова вели дека СЈО е институција формирана по политички договор. Сепак, се согласи дека редовното обвинителство за организиран криминал не се ја завршило соодветно работата со истрагите за прислушуваните разговори.
Неделкова, сепак, смета дека има излез од кризата во македонското судство. Верува дека во фелата има доволен број на квалитетни делители на правдата и дека се потребни длабоки реформи за тие да излезат на виделина. Но и самата признава дека голем дел од проблемите произлегуваат од начинот на кој се применуваат односно не се применуваат законите. Иако е свесна дека нејзиното прво телевизиско интервју ќе возбуди многумина, Неделкова не се откажува од трката за нов мандат- претседателка на Врховен суд…