Заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска престојува во неколкудневна официјална посета на Соединетите Американски Држави.
Во Вашингтон, на 1.мај, министерката Шекеринска ќе се сретне со американскиот секретар за одбрана, Џејмс Матис, што ќе биде прва официјална билатерална средба со секретар за одбрана на САД по повеќе години. На средбата ќе биде потврдено стратешкото партнерство помеѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави. Средбата се реализира во пресрет на самитот на НАТО во јули во Брисел.
Во рамките на посетата, министерката ќе се сретне и со заменик-помошникот на секретарот за одбрана на САД за Русија, Украина и Евроазија, Лора Купер, како и со високи претставници во Стејт Департментот и Пентагон, а ќе има средби и во Сенатот и Конгресот на САД.
Министерката во Вермонт ќе се сретне со гувернерот на оваа сојузна држава и со командантот на Националната гарда на Вермонт. Армијата на Република Македонија има развиена и сеопфатна соработка со Националната гарда на Вермонт, како наш партнер во реформите и развојот на вооружените сили.
Во Вашингтон, министерката ќе учествува на тркалезната маса организирана од Атлантскиот совет на САД, на тема: „Балканот и членството во НАТО низ призмата на Македонија: Високи влогови во однос на глобалната безбедност и судбината на демократијата во една мала земја“. Шекеринска ќе учествува и на тркалезна маса на Националниот демократски институт, на тема „Демократската обнова на Македонија – Дали успева?“, а ќе има средба и со иселениците од Македонија.
Еве ја видео изјавата на Шекеринска пред заминувањето во САД: