Одлуката на дел од членовите на Беса да влезат во коалиција со СДСМ и ДУИ во општина Чаир е за доброто на граѓаните на оваа општина коментираат извори блиски до Биљал Касами за ТВ 24. Велат засега не можат да коментираат кои ќе бидат следните чекори и дали тоа ќе значи и официјално коалицирање со СДСМ и ДУИ, но дообјаснуваат дека се во постојана комуникација со премиерот Заев и дека ќе ги поддржат сите реформи на владата кои се во корис на граѓаните.
„Одлуката на огранокот на Беса во Чаир е во интерес на граѓаните од оваа општина. Не можеме да кажеме што понатаму бидејќи сега сме зафатени со обврските околу организацијата на претстојниот централен комитет, но можеме да кажеме дека сме во постојана комуникација со премиерот Заев и дека ќе ги подржуваме сите реформи кои се во наша корист и пред се во корист на граѓаните на Р.Македонија“, велат оттаму.
Поделбата на членови на Беса во Чаир доведе до тоа за претседател на советот на општината да биде избрана советничката од Беса, Џемиле Мехмети. Таа и уште еден член кои важат за блиски поддржувачи на Биљал Касами преминаа во редовите на коалицијата СДСМ и ДУИ во оваа општина.
Во врска пак со шестмината советници на Беса кои важат за лојални на скопската група и ја напуштија седницата на која се гласаше претседател на советот на Чаир, извори за ТВ 24 пак велат дека движењето Беса е опозиција во советот на општина Чаир. Освен двајцата бивши советници на Беса кои сега преминаа во ДУИ , ништо друго не е сменето.
Пред предизвикот да бидат избрани претседатели на советите се и други општини.
Ваквите политички комбинаторики доведоа до тоа да се кочи работата на дел од општинските совети кои не можат да ги изгласаат дури ниту општинските буџети.