(ВИДЕО) Се бара ревизија на работата на извршителите, меморандумот е потврда дека незаконски се блокирале сметки

Со потпишувањето на меморандум меѓу министерството за труд и социјала и комората на извршителите надлежните јавно признаа дека досега не ги почитувале правилата, обвинува во изјава за ТВ21 синдикалецот Марјан Ристески. Иако во Законот јасно стои дека на примателите на социјална парична помош не смее да им бидат блокирани сметките, тоа до сега било редовна пракса на извршителите, додава Ристески .Тој, како и останатите активисти кои ја покренаа иницијативата за измени на Законот за извршителска дејност, се сомневаат дека потпишаниот меморандум ќе се почитува.

„Ако мислат дека ќе биде народно кажано „пу-пу, не важи“ – се излажале. Ние остануваме на нашите барања, бараме нивна ревизија и враќање во суд, да си работат за плата, да видат како изгледа. Со ревизијата да видиме што било главен долг, што било виртуелен долг, тие го прекршуваа законот цело време и ние ќе инсистираме да има ревизија“, вели Ристески.

Меморандумот меѓу ресорното министерство и извршителите беше потпишан само неколку дена пред Нова година. Министерката Царовска изрази оптимизам дека извршителите ќе го почитуваат договорот со кој се штитат правата на лицата корисници на социјална помош.

„Со овој меморандум изразуваме подготвеност на полето на социјална заштита и социјална политика и исто така комората дава придонес во тоа овие граѓани да не бидат оштетени во ниту еден момент . Во минатите години не само што имавме блокирање туку и за одблокирање имаа обврска да плаќаат“, рече Царовска.

Од комората на извршителите велат дека сега од старт ќе знаат кои лица се во социјален ризик, па од нив нема да се бара принудна наплата на долг, со сите дополнителни давачки. За таа цел меморандумот предвидува извршителите да имаат директен пристап до базата на министерството за труд и да го следат социјалниот статус на граѓаните.

Дури откако одредено лице излезе од кризната финансиска ситуација, неговата сметка ќе може да биде блокирана. Инаку извршителите подолго време се под удар од јавноста, поради огромните приходи остварени во последните пет години. Тие вкупно наплатиле 60 милиони евра, од кои 23 милиони завршиле на нивните конта. Во земјава работат околу 100 извршители.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e