Изразито динамична недела ја очекува Македонија во меѓународната политика, оценуваат аналитичарите. Во пресрет на утрешните два настани во Собранието – ратификување на Договорот за добро соседство и соработка со Бугарија и седницата на Комисијата за европски прашање, на која бугарскиот амбасадор Петков ќе ги претстави приоритетите за работа на време на бугарското претседателство со Советот на ЕУ, ова е прв реален чекор на Македонија кон евроатланските интеграции, вели професорот Нано Ружин, во изјава за Алсат.
„Утрешниот настан има тројно значење, прво билатерално значење, се подобруваат односите меѓу два соседи, што е битно во меѓународните односи, второ што Македонија добива многу значаен сојузник и во ЕУ и во НАТО и трето, тоа е многу битен придонес во регионалната стабилност и безбедност и сето тоа се случува во овој месец“, оценува Ружин.
Според Ружин, Бугарија веќе го истакна значењето на нејзината улога за време на претседателството во ЕУ, дека ќе се насочува кон европеизација на Балканот и приближувањето кон Унијата на Македонија и на Албанија, но и Црна Гора која е во процес на преговори. Државата во овој миг, смета Ружин, има шанси да направи кенгурски скок да се приближи кон ЕУ и за отпочнување на преговорите. Но, потсетува дека остануваат и домашните обврски.
„Можеме да констатираме дека патот на Македонија кон ЕУ интеграциите се интензивира, а од македонска страна да се подобрат сите оние перформанси што се очекуваат од страна на Брисел а тоа се реформи, реформи, реформи“, додава Ружин.
За време на Бугарското претседателство со ЕУ од јануари до средината на годинава, во неколку наврати и Владата изрази оптимизам дека во следните шест месеци очекува датум за преговори. Во поглед на потпишаниот Договор за добрососедство и соработка, пак, тој веќе се ратификуваше во бугарското Собрание. Но, во македонското по се изгледа ќе помине без присуство на опозициската ВМРО – ДПМНЕ, која и пред бојкотот на законодавниот дом сметаат дека договорот е штетен и нема да го поддржат.
