Бројчаникот на Порта Македонија е купен од лични пари на премиерот Зоран Заев, потврди портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски. Заев како граѓанин упатил барање за поставување на овој електронски екран, имало постапка и процедура, а документацијата со која се одобрува поставување на овој дисплеј е целосна од почеток до крај. Бројчаникот е од информативен карактер а на него ќе врти сумата вратена во буџетот, од судските процеси кои се водат против поранешното раководство на државата.
Поставувањето на бројчаникот беше едно од предизборните ветувања на премиерот Зоран Заев. На него според премиерот ќе се прикажуваат парите кои биле украдени од граѓаните од страна на претходната владејачка гарнитура, а сега се вратени во буџетот на РM.
Кога ќе проработи бројчаникот и кога ќе почне да ги прикажува парите кои преку судските одлуки треба да се вратат назад во буџетот, се уште не е познато вели портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски. Дополнително јавноста ќе биде информирана и за цената на бројчаникот, вели тој.
– Ќе бидат објавувани финансиските средства кои што ќе бидат враќани во буџетот на Република Македонија од судските процеси кои што се во тек, се разбира кога истите ќе завршат. Бројчаникот е веќе поставен, информацијата колку точно чини во моментво ја немам, но ќе ви ја доставиме дополнително, изјави Бошњаковски.
Вчера премиерот потврди дека овој бројчаник ќе остане во трајна сопственост на министерството за култура, а откако ќе се вратат сите украдени пари веројатно дисплејот ќе покажува моментална температура или географската положба на Скопје или слично изјави Заев.
Која сума ќе ја достигне бројчаникот се уште не познато, но се знае дека до сега екс градоначалникот на Центар, Владимир Тодоровиќ вратил 433 илјади евра во буџетот на општината како осомничен за малверзации со изградбата на мостот „Око“ на кејот на Вардар. Пари во државниот буџет пак треба да вратат Ѓоко Поповски, поранешен помошник министер во МВР, Ивона Талевска и бизнисменот Сеад Кочан.