(ВИДЕО) По години на полтронство кон власта, најголемиот синдикат ССМ првпат излегува на првомајски протест

Чикаго, 1886 година. Протестите почнати на први мај за 8-часовен работен ден, завршуваат со крвав судир со полицијата три дена подоцна.

„Федералните трупи беа повикани за да го скршат штрајкот. Луѓе биле убивани, тоа бил ужасно насилен штрајк. Тоа не беше среќен ден за трудот. Имаме платени празници поради работничкото движење. Имаме осум часовно работно време поради работничкото движење. Имаме платени одмори поради работничкото движење.“ – објаснува Даниел Валковиц, историчар на Универзитетот во Њу Јорк.

Во Македонија, изминатата деценија за 1-ви Мај најчесто имаше протести против најголемиот синдикат, бидејќи Сојузот на синдикатите на Македонија редовно имаше оправдување да не протестира на овој ден.

„Ние бараме од Синдикатите да почнат од 1-ви Мај да организираат протести и штрајкови. Од друга страна, ако тие не се појават, ние им соопштуваме директно на работниците да се самоорганизираат и да ни се придружат на протестите на 1-ви Мај.“ – рече Артан Садику од левичарското движење „Солидарност“ (24.04.2013)

„Едно е да зборуваме на маса, друго е да дојдат и да разговараме со решенија кои сметаат дека се добри. Но, да се нуди само дека треба да се излезе на протести, навистина имаме и ние обврска кон членството. Оваа одлука која е донесена за ваквото кампањско делување и ваквото едногодишно прославување, а не еднодневно прославување на 1-ви Мај, е одлука на сите синдикати во Република Македонија.“ – изјави Живко Митревски, поранешен претседател на ССМ (01.05.2013)

Годинава првпат по многу години ССМ ќе излезе на улица.

„Верувам во неопходноста на овој првомајски протест и овој марш.“ – вели Дарко Димовски, претседател на ССМ.

Повторно ќе протестираат и оние малкумина кои изминатите години ја бранеа важноста на денот.

Ланскиот 1-ви Мај на виделина излегоа сите поделби во ССМ.

Годинава, новото раководство на ССМ прави обид да ја обедини најголемата синдикална организација во земјата. Претседателот Дарко Димовски вели дека преговори со власта се неопходни, но протестот на улица има своја порака и тежина.

„Ние не сакаме да покажеме моќ, ние сакаме да покажеме дека постоиме, дека не има и дека ние сме тие реалните кои треба да преговараме за нашите работнички права, бидејќи ние допринесуваме за подобрување на економијата и стандардот на живот во Република Македонија и треба да не сватат како сериозен фактор во тој трипартитен договор што се води меѓу работодавците, Владата на Република Македонија и синдикатите, односно работниците.“ – додава Димовски.

Тој вели дека ССМ се залага за плурализам во синдикалното движење за да се искажуваат различни мислења и барања. Сепак смета дека е потребна посилна соработка за да се остварат барањата како поголеми плати, сигурни работни места, намалување на сиромаштијата, регрес за секој вработен…

„За да покажеме ние дека сме многу сериозни треба, ако не да се обедиме, да имаме една сериозна соработка меѓу нас. Така можеме да ги упатиме нашите барања едногласно и сите заеднички, а не да бидеме расштиман оркетар. Значи сите едногласно да ги кажеме нашите барања, а претхоно преку нашите средби и соработка да ги ставиме во една рамка каде што нема да излегуваме од таа рамка. Со тоа ќе допринесеме да бидеме сериозно сватени и од работодавачите и од власта.“ – вели Димовски.

Првојамскиот протест на ССМ не е единствениот најавен. Има уште три. Едниот го организираат неколку невладини организации и здруженија кои на 1-ви Мај ќе ја продолжат битката за нов Закон за извршување. Велат дека и старото решение и измените предложени од Владата, се во спротивност со интересите на социјално најранливите.

„Бараме нов предлог – закон од страна на Владата кој ќе кореспонрира со економската ситуација во Република Македонија, а не препишан или модифициран закон од некоја западна земја каде стандардот е далеку повисок од македонскиот. Тоа е нашата цел, значи нивниот предлог закон не ни одговара. И второ, тие се уште не започнаа со одблокирање. Се уште во моментов се блокирани илјадници луѓе, можеби стотина илјади се блокирани и нон стоп се извршува. Зачи луѓево ја напуштаат Македонија, верувајте си одат. Ја напуштаат државава, а една од најголемите причини е тоа – овој ненормален акт на извршување.“ – изјави Ана Глигорова од здружението „Но пасаран“.

Првомајски протест органзира и политичката партија „Левица“, чии членови беа најактивн за први мај изминатава деценија, во отстуство на ССМ. Ќе протестираат и годинава бидејќи се незадоволни од динамиката на најавените реформи во полза на работничките права што ги најави новата Влада.

„На пример, договорите на определено време кои се преку сите граници продолжени од претходните влади и кои во моментов се пет години, да се намалат на нормалната должина, како во сите земји, на шест месеци. Понатаму, да почне да функционира Инспекторатот на труд, бидејќи и со промената на власта остана ист директор на чело на Инспекторатот и работниците повторно, со право, немаат доверба во работата на Инспекторатот на труд. Понатаму, за старосната граница за пензионирање постои сериозна опасност сегашната Влада да потпадне под притисоците на меѓународните фактори и да ја зголемат старосната граница.“ – вели Здравко Савевски од „Левица“.

Четирите протестни марша ќе се одвиваат по различни рути. Но, иста им е крајната дестинација. Сите групи, своите барања ќе ги соопштат пред Владата. Во тоа време во зградата на Илинденска број 2 ќе се одржува седница на економско – социјалниот совет, но тоа не менува ништо за дилемата што сите засебни протести заеднички ја поставуваат – немаше ли нивниот глас да се слушне посилно и подалеку ако излезеа сите заедно?

За Милан Живковиќ од фондацијата Фридрих Еберт, која со години го помага синдикалното организирање во земјава, тоа што годинава ќе се протестира на повеќе нивоа не е показател за поделби, туку дека има клима за јавно искажување на незадоволството од различни страни.

„Ако порано ние имавме притисоци да не излегуваат во јавноста и да протестираат по било какви основи, сега тоа е добредојдено, сега се вели – излезете и покажете дека имаме потреба од промени. Порано ние имавме притисоци со кои требаше да покажат дека ние овде имаме невидена благосостојба и дека во тој дел ние не треба ништо друго да правиме, дека државата знае што прави.“ – вели Живковиќ.

Тој смета дека со самото неизлегување на протести изминативе десеттина години ССМ ја изгуби својата улога на главен заштитник на работничките права. Овој 1-ви Мај е шанса да се започне со враќање на изгубената доверба во Сојузот и подигнување на квалитетот на синдикалното дејствување.

„Во изминативе години видовме дека ако поголемиот број синдикати не се одлучуваа да излезат на протести поради тоа што го кажувале во директни разговори – еј, знаете ли кој е на власт, знаете ли што ќе ни се случи ако излеземе, сега имаме поинаква реторика. За кршење на работничките права имавме секојневни сведоштва. Самиот факт што имавме по еден работник што загинува на работното место неделно во изминатите години, јасно укажува на тоа дека сите ние како работници треба да го кренеме својот глас не само синдикатите, не само лицата кои се на чело на тие синдикати, туку сите ние треба да излеземе и да кажеме доста е, треба да има промени. Тоа во изминатите десеттина години го немавме. Единствено го покажуваа синдикатите и организациите кои беа здружени во таа „Повелба за солидарност“.“ – додава Живковиќ.

Тоа што утре ќе има четири посебни марша, меѓу кои е и оној на најголемиот синдикат, не мора да значи и дека поголем број од работниците нема да одберат да одат на скара наместо на протест. Но, можеби вреди да се потсети дека тие што ќе излезат на улица продолжуваат традиција која работниците на овие простори ја почнале уште во османлиско. На интернет може да се најдат фотографии од првомајски протести што се направени во Скопје и во Куманово во 1909 година.

360 Степени

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e