(ВИДЕО) Павле Богоевски и Стојанче Ангелов во дебата за полициската акција во скопските дискотеки во „Студио 1“

Два различни става за полициската акција во скопските дискотеки во „Студио 1“ изнесоа пратеникот Павле Богоевски и лидерот на Достоинство Стојанче Ангелов. Според Ангелов, акцијата била школски пример, затоа што покрај младите луѓе кои се забавуваат, може да има и луѓе под дејство на алкохол, дрога, а со оружје. Богоевски, смета дека е потребна безбедност во дискотеките и почитување на законите, но тоа да се прави преку превенција и соработка на сопствениците и МВР, односно проверка на лични карти и за поседување на оружје.

-МВР и инспекциите имаа правна основа да ја спроведат оваа акција, никој не го негира тоа, но исто така има начин, начин или начин како да ја спроведат, вели Богоевски.

-После една ваква акција, секој што ќе сака да внесе оружје или други недозволени материи во која било дискотека ќе се запраша дали можеби вечерва повторно ќе има акциска контрола. Доколку ваквите акции бидат редовни и изненадни, верувам дека ќе бидат превентивни, одговори Ангелов.

Богоевски вели дека полицијата сепак има избор меѓу превенција и ако таа не успее да се обиде со репресија или директно да оди на акција и рации и дека трите инспекции вечерта избрале лошо време, наместо да дојдат пред или на крајот на забавата.

-Тоа што мене ме загрижува е видеото на коешто Оги ја вклучува музиката откога ќе му кажат да ја прекине и полицијата го апси бидејќи смета дека ја попречува. Загрижувачки е што поради таквата постапка на полицијата, слушнавме 500 луѓе како ја пцујат полицијата. Не сакам во државата за која толку се боревме 500 наши сограѓани да ја пцујат полицијата, објаснува тој.

-Без разлика дали некој бил дел од Шарената револуција или од дугата страна, полицијата не смее да има селективен пристап и треба да се однесува подеднакво кон сите. Таа вечер сите дискотеки во Парк имаа извршено контрола, без исклучок, нагласи Ангелов.

Ангелов во разговорот исто така рече дека се повлекува од МВР за да му се посвети на Достоинство, бидејќи работата таму не дозволува политички ангажман. И работата во Авганистан, како што рече, му отежнувала да се посвети на партијата, па затоа кога се појавил огласот во МНАВ, се пријавил како квалификуван за тоа работно место.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e