(ВИДЕО) Новата министерка за правда, Дескоска, најавува силен удар за извршителите

Министерката за правда, Рената Дескоска, ќе го скастри тарифникот за извршување и ќе ги намали извршителските дејствија кои се преземаат против граѓаните. Ова се клучните промени во Законот за извршување, кои за Алсат-М ги најави Дескоска. Целта е подобрување на правата на граѓаните. Засега министерката не открива за колку ќе се намалат тарифите на извршителите.

„Лично сметам дека одредени дејствија не треба да се наплаќаат во постапката за извршителите. Размислуваме и за ограничување на вкупната сума како процентуален износ од долгот, така што тие работи ќе ги ставам на маса пред луѓе кои се од експертската јавност и да извадиме најдобро решение од оваа свера“, рече министерката за правда, Рената Дескоска.

Дескоска вели дека кратењето на тарифникот и на дејствијата нема да го загрози извршувањето и дека нема да се доведе во опасност спроведувањето на судските одлуки.

Од Комората на извршители ниту денеска не сакаа да коментираат околу тарифите. Во телефонски разговор признаа дека не се запознаени со новиот тарифник кој се подготвува во Министерството за правда. Ќе чекаат прво средба со Дескоска, а дури потоа ќе дадат официјален став.

Повеќе од еден месец извршителите одбиваат да излезат во јавност и да дадат изјава за најавите за новиот тарифник за извршување, но и за обвинувањата дека – се уште ги ограбуваат граѓаните.

Работата на извршителите беше дел од предизборните говори на сега премиерот Заев кој тврдеше дека ќе им застане на патот и ќе стави крај на лошите извршни решенија. Дел од првомајските прорести беа токму против извршителите, каде граѓаните побараа ревизија на нивната работа и извршувањето да биде во судовите.

Револтот кај граѓаните кулминираше кога на социјалните мрежи се појавија извршни решенија во кои стои дека за долг од неколку денари, крајната сума за извршување достигнува и над 15 илјади денари.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e