Македонија од оваа година го презема претседателството со Секретаријатот Постојаната работна група за регионален рурален развој (SWG). Ова денеска и официјално беше соопштено на годинешниот 12-ти работен состанок на Министрите за земјоделство од Југоисточна Европа, кој што се одржува во Струга, а домаќин е македонското Министерство за земјоделство,шумарство и водостопанство.
На конференцијата учествуваат ресорните министри и потпретседатели на Владите на Босна и Херцеговина и Црна Гора, министерите за земјоделство на Бугарија, Словенија, Албанија,заменик министерот од Косово, државни секретари од Србија, Хрватска, Унгарија, претстваници од министерствата од Германија, Чешка, како и претставници од Европската комисија, Организацијата за храна и земјоделство и ГИЗ.
Министерот за земјоделство,шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, посочи дека целта на оваа конференција е да се потенцира важноста на регионалната соработка, од која што бенефит ќе имаат економиите вклучително и земјоделството на земјите од ЈИЕ.
„Нашите заеднички аспирации на целиот регион се во насока на засилена регионална соработка во делот на размена на искуства особено во делот на евроинтеграциите кон кои се стреми македонската Влада, посебно во делот на искористеноста на ИПАРД фондовите. Денеска исто така ја потврдивме и поддржавме нашата иницијатива за регионална трговија која што подразбира нови брзи зелени линии во делот на транспортот особено на земјоделските производи во регионот, што е од голема важност за земјите од ЈИЕ. Како земја која се стреми да напредува во процесот на интеграција во ЕУ и кон креирање ефикасна земјоделска политика, подобрувањето на организациската и оперативната основа ни се повеќе од потребни. За мојата земја, која се подготвува за претстојниот процес на преговори, оваа заедничка регионална аналитичка работа е од исклучителна важност“, изјави министерот Николовски.