– Водостопанството како стопанска гранка е една од најклучните и претставува основа за развој на модерно земјоделство и други области од витално значење за развој на економијата во Македонија, рече во своето обраќање министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски и нагласи дека како Влада секогаш се фокусирани и работат на сите проекти кои беа целосно застанати со цел да се обезбедат услови за повкалитетно земјоделско производство, поголеми приходи на земјоделците и поголем економски раст на државата.
„Денес е значаен ден за македонското земјоделство. Започна изградбата на браната „Конско“, најголемата капитална инвестиција во земјоделството во последните 10 години. Вкупниот износ на инвестицијата е над 2,4 милијарди денари. Ова решение ќе овозможи наоднување на 8.000 хектари плодно обработливо земјиште, односно пет пати поголема површина од досега.“ – нагласи Николовски.
Браната Конско е со вкупна инвестиција од 2,4 милијарди денари обезбедени од буџетот на МЗШВ преку Програмата за рурален развој. Таа ќе обезбеди вода за наводнување особено во сушниот период кога таа е најпотребна.
Во моментот од можните 12.326 хектари во овој регион едвај се наводнуваат 2.632 хектари или уште пореално речено само 1.500 хектари.
– Со новото техничко решение преку изградбата на овој хидросистем ќе најдеме решение за наводнување на преку 8.000 хектари земјоделско земјиште од регионот односно за петпати ќе се зголемат наводнуваните површини што е главна цел на Владата, нагласи Николовски и посочи дека како ресорно Министерство интензивно ќе работат на реализација на други проекти од областа на водостопанството во Македонија.