Засега не можеме да констатираме дека постои договор за името. Се додека нема договор за се, нема договор за ништо . И се додека не се утврдат сите детали не може да зборуваме дека двете земји постигнале компромис и затоа се уште не е остварен телефонскиот разговор меѓу двајцата премиери, изјави потпретседателот на СДСМ Дамјан Манчевски.
Според министерот за информатичко општество и администрација јавноста не може да очекува дека премиерите на двете земји преку телефонски контакт ќе се договараат за суштински прашања, рече Манчвски во интервју во емисијата Фактор магазин на ТВ24.
„Она што засега е сигурно дека македонскиот национален идентитет ќе остане зачуван . Нема да има повеќе меѓународен собир, конференција, настан каде што ќе се спори македонскиот јазик, националност и итн. И тој дел од преговорите со Грција е затворен“, рече Манчевски.
На прашањето дали е можно со евентуалниот референдум за името да има и предвремени парламентарни избори и како го оценува повикот на ВМРО ДПМНЕ идната година заедно со претседателските да има и парламентарни избори , Манчевски рече:
„Многу ми е чудно што опозицијата бара избори една година од сега . Обично се бара побрзо . Но, ние сме спремни да излеземе во пресрет на барањата на опозицијата. Согласно состојбите во државата и што ќе се случува во земјата откако евентуално ќе се објават предлозите околу договорот со Грција ќе зависи единствено од самата опозиција дали се „ЗА“ избори, иако и самите се свесни за нискиот рејтинг кој го имаат бидејќи ги знаат анкетите. Ако се сигурни дека имаат голема поддршка од граѓаните ќе бараат избори да има и порано. Затоа што ако навистина сметаат дека имаат поддршка за сопствените политики кај граѓаните и ако имаат поддршка околу несогласувањето со договорот со Грција нека побараат и порано избори. Подготвени сме на предвремени парламентарни избори кога и опозицијата побара и ако тоа е во интерес на граѓаните на Македонија . Иако според нас не е добро да има толку често избори. Ние ниту планиравме ниту планираме.
Покрај Манчевски во емисијата гостуваше и Владо Мисајловски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ. За спорните историски образовни прашања интервју со професор д-р Драги Ѓорѓиев, директор на Институтот за национална историја и претседател на македонскиот тим во заедничката комисија со Бугарија со кој ќе ги решаваат спорните историски и образовни прашања.