Ѓорѓи Лазаревски, еден од луѓето без кои јавноста никогаш немаше да ги слушне „бомбите“ што ги објави лидерот на СДСМ, Зоран Заев, за време на дебата во рамки на првот „Истражувачки филмски фестивал“ во Скопје, се осврна на ризиците и опасности со кои се соочил за време на работењето во Петтата управа на МВР, одлуката да ги зачува и пријави прислушуваните разговори и понатаму обвинението против него за шпионажа и 11 месечниот притвор.
„Она што го правевме беше многу опасно, снименото не го објавивме во ниту еден медиум зашто со тоа ќе ги ризикувавме нашите животи. Ексдиректорот на УБК беше тој што умееше да го пронајде најбезбедниот начин за да ги зачува бомбите“, се потсетува Лазаревски кој заедно со колегата Звонко Костовски три години ги собирале нелегално прислушуваните разговори со цел да ја обелоденат вистината, а материјалите подоцна му ги давале на Зоран Верушевски.
„Сигурен сум дека Груевски знаеше за прислушувањето. На средбата наеднаш излезе од соседната просторија поранешниот началник на Петтата управа, Горан Грујевски, кој викаше „Не е точно, не е точно“. Го поминав целиот ден таму и пиев само вода, но се чувствував ослободено. Потоа нѐ обвинија за шпионажа и нѐ притворија, а ние самите баравме прием и пријавивме МВР“, рече Лазаревски.
54-годишниот Лазаревски на дебатата истакна и дека во моментов бара работа, а во меѓувреме се занимава со семеен бизнис. Тој заедно со Верушевски и Костовски беше обвинет во случајот „Пуч“, но СЈО се откажа од обвинението поради контрадикторноста на постпаката со предметот „Таргет Тврдина“. За истиот предмет беа обвинети и Зоран Заев, Соња Верушевска и Бранко Палифров, вработен во општина Струмица, како и други лица.
Извор: а1он.мк