Здравствениот систем, сите надлежни институции веќе трета година посветено се борат против пандемијата на вирусот Ковид 19, изјави на денешната прес-конференција Ненад Коциќ, пратеник на СДСМ.
„На сила се уште се протоколи и мерки за заштита од ширење на коронавирусот.
Но додека медицинскиот персонал е истоштен од долгата и напорна борба против вирусот, Христијан Мицкоски продолжува со своето неодговорно однесување.
Додека неговата ВМРО-ДПМНЕ глуми загриженост за здравјето и бара наставата да се одвива онлајн, целата јавност го виде Мицкоски како во тесна просторија полна со луѓе, ги крши протоколите за заштита од коронавирусот.
И не е првпат Мицкоски без срам да го загрозува јавното здравје. Јавноста многу добро памети дека за време на првиот бран, тој одеше во кафеани и фитнес центри кои во тој период не смееја да работат.
Од почетокот на пандемијата па до денес, Мицкоски постојано ги крши мерките, а тоа го прават и други високи функционери на неговата ВМРО-ДПМНЕ.
Меѓу нив е и градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков, кој наместо резултатот од тестирањето да го чека во самоизолација, тој присуствуваше на настан со илјадници луѓе.
И наместо да го осудат таквиот потег, ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски дополнително лажеа и правеа конструкции преку кои се обидуваа да го одбранат градоначалникот за неговото несовесно постапување“, посочи Коциќ.
„Да се постапува спротивно на мерките за заштита не само што е неодговорно, туку е и опасно по јавното здравје.
Секој од нас, а особено политичарите има обврска со сопствен пример да покаже одговорност во време на вакви тешки пандемии.
Сите ние треба да ги почитуваме Ковид протоколите, а оние кои не се вакцинирани тоа да го сторат што поскоро.
Само така ќе ставиме крај на оваа пандемија, само така животот ќе се врати во нормала“, истакна Коциќ.