ЕУ како услов за почеток на преговорите за членство за Македонија препорачува меѓу другото и реформа на безбедносните служби, што се должи на владеењето на претходната власт, која не прослави во светот со масовното прислушкување, вели поранешниот директор на УБК Слободан Богоевски. Како што објаснува, да се соберат сите разузнавачки служби од почетокот па до крајот на поранешна Југославија, па и потоа, нема да бидат ни 10 отсто од периодот на владеењето на Груевски.
-Опсегот на следење на комуникациите во тој период кога постоеше жична телефонија, а не и мобилна и интернет масовни комуникации, како што беа предмет на следење сега, можам на двете раце да ги избројам сите случаи на следење. И сите, кога би бил потсекретар на службата, и денеска би ги потпишал, и тоа добро го знаат тие што покасно галамеа дека биле незаконски следени, вели Богоевски.
Според него, ако се погледнат сите извештаи на Европската Комисија, Европскиот совет, Европскиот парламент или Стејт Департментот, фокусот паѓа на МВР и судството како извор на заробеноста на државата.
-Тоа што се случувало во МВР, велат, се заканува одвнатре да ја уништи државата. Тие зборови во извештајот значат многу. Ќе се запрашате, дали може едно следење на комуникациите да ја разурне државата однатре. Не. Експертскиот тим на Прибе знаел точно што пишува. Тој зборува дека Македонија е киднапирана држава од скриената држава, која ја нема ни во Устав ни во закон, а владее со јавната држава, вели Богоев.