Голден Арт, МЕГА, Акустик и Гримак, група општествено-одговорни компании, денеска на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје и предадоа донација од 85 неинвазивни респиратори и 24 концентратори на кислород во крвта.
Донацијата е доволно голема за да ги покрие сите инфективни одделенија низ државата и има огромно значење за целиот јавен здравствен систем кој во моментов се бори со кризата предизвикана од пандемијата на коронавирусот.
На настанот одржан денес, прв се обрати министерот за здравство, Венко Филипче, кој изрази огромна благодарност за хуманиот гест на донаторите.
“Ова е многу значен чин заради тоа што има една сериозна група на пациенти коишто се сега заболени од Ковид-19 и на кои им е потребна ваква респираторна поддршка. Бројката е сосема доволна за да бидат дистрибуирани и во главните наши центри тука на Клиниката, во болницата “8 Септември” но и на другите инфективните одделенија низ државата” – изјави Филипче.
Техничкиот премиер Оливер Спасовски исто така го изрази своето задоволство и благодарност до донаторите од име на Владата.
“Навистина ми е драго и чест што присуствувам на еден ваков настан особено во услови на ваква економска и здравствена криза која ја имаме, а тоа е да ги промовираме новите респиратори кои се донација од општествено одговорни компании, благодарност од мое име и од име на Владата.
Во ова време на пандемија тие почувствуваа дека е време за солидарност. Ако во нормални услови се создаваат услови да правите бизнис во една држава, тогаш во време на криза е време кога треба да дадеме нешто од себе и сите заедно да ја споделиме таа грижа и тој предвизвик кој стои пред нас. Тие се добар пример како треба да се однесуваме сите во нормални услови, но и во услови на криза” – истакна Спасовски.
Вице-премиерот за европски прашања, Бујар Османи, го поздрави гестот и рече:
“Пандемијата покажа дека сите поделби во светот се вештачки и дека сите сме исти наспроти вирусот, сите сме фрагилни. Но, ја извади и на површина солидарноста на луѓето која е суштината на човештвото” – додаде Османи.