Денеска се објави новиот јавен повик за мерката „Инвестиции во материјални средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи“, од европската ИПАРД 2 програма.
Со овој јавен повик им се овозможува на фирмите и на земјоделските задруги да инвестираат во отворање на преработувачки капацитети и опрема, при што 50 отсто од инвестицијата ќе им биде кофинансирана, односно финансиските средства по поединечно барање се доделуваат како неповратна финансиска поддршка. Притоа, 75 отсто од средствата кои ќе бидат кофинансирани ќе бидат обезбедени од Инструментот за претпристапна помош за рурален развој на европската унија ИПАРД 2014-2020, а 25 отсто од средствата ќе бидат кофинансирани од Буџетот на Република Македонија.
„Со помош на оваа мерка Владата, Министерството и Агенцијата, уште еднаш потврдуваме дека силно сме фокусирани кон развој и унапредување на преработувачките капацитети во агро секторот. Само со развој на домашните земјоделски стопанства и агро компании може да постигнеме зголемено производство, пласман на домашниот род и девизен прилив од извозот на домашните производи“, изјави директорот на Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски.
Оваа мерка се однесува на инвестиции во преработувачки капацитети за: млеко и млечни производи, месо и производи од месо вклучително јајца и живина, овошје и зеленчук, житарици, мелнички продукти и скроб, растителни производи и маснотии од животни, шира, вино и оцет, како и производство на енергија преку погони за преработка и производи од животни од примарната и секундарната биомаса, со исклучок на биомаса од рибни производ.