Министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, кој вчера на својот профил на „Фејсбук“ напиша дека не е вистина оти потрошил 9.000 евра по кафеани, и непрецизно била пренесена сметката од бифето на Министерството, денеска за новинарите изјави дека веста од алатката е недоследно пренесена и дека тоа не се негови лични трошоци. Тој тврди дека оваа сума е речиси трипати помала од сумата што за истиот период ја потрошило претходното раководство во Министерството. Вели дека вкупните трошоци се фактурирани на негово име, додека личните трошоци како министер не му се поголеми од 6000 денари месечно, пренесе „Макфакс“.
„Грешката ја направиле во пласирање на отчетната информација од алатката бидејќи не се одвоени трошоците и не е расчеленето кои трошоци се лични на министерот а кои се трошоци потрошени во бифето за вода и кафе за сите кои не се вработени, а дошле како гости, како членови на комисии, тела, работни групи, амбасадори, синдикати, граѓани, уметници. Во иднина уште повеќе ќе ја рационализираме потрошувачката“, изјави Алаѓозовски.
„Патував во Кина, Торонто, Базел, остварив неколку билатерални и мултилатерални средби. Сметам дека е од големо значење нашата култура да излезе надвор од границите и сите средби беа значајни за афирмација на нашата култура во светот“, рече Алаѓозовски.
Во алатката што ја објави Владата, трошоците на јавните функционери во однос на угостителските услуги се пресметуваат на повеќе основи – преку надворешни угостителски објекти, понатаму угостителските објекти во странство, а посебно се пресметуваат и угостителските услуги преку мензи, ресторани и бифеа во рамките на институциите. Кај Алаѓозовски најголеми се трошоците во однос на услугите во мензите, рестораните и бифеата, каде што потрошил 421,554 денари од вкупно 547,970 денари по сите три основи.
Видео – „Макфакс“