Велија Рамковски преку Фејсбук најави емисија во која зборува за состојбата со медиумите во државата и оптимизмот за интегрирањето на Република Северна Македонија во семејството на eвропските држави.
-Од 1993 година од основањето на А1 па до денес, не можев а да не размуслувам за медиумите. Медиумите се еден од главните фактори за развивање на демократските процеси во секоја држава. Како нигде во светот, состојбата е до таму што само се зборува за лошо. Новинарите, покрај тоа што се новинари имаат општествена одговорност да прават да биде подобро во државата во која живеат. Но, подобро не се прави со лошо, вели Рамковски во видео најавата за неговата емисија која е најавена за в четврток во 20 часот на неговиот јутјуб канал.
Велија Рамковски беше сопственик на А1 телевизија. Тој беше осуден на 13 години затвор, во судскиот процес „Пајажина“ во кој беа обвинети 23 управители и основачи на фирми за затајување на данок, перење на пари и злосторничко здружување. Рамковски тврдеше дека целта е затворање на критичките медиуми. Иако, тогашната власт го негираше ова, неполна година по приведувањето на Рамковски, беше замрзната сметката на телевизијата, а потоа Агенцијата за електронски комуникации и ја одзеде дозволата за работа поради стечај.
Во август 2017 година тој излезе од затворот „Идризово“.
Судот за човекови права во Стразбур, во февруари 2018 година пресуди во корист на Велија Рамковски и неговата ќерка Емел Рамковска, кои поднесоа тужби до судот за критериумите по кои бил одреден притворот и за должината на притворот.
По 8 години поминати затвор и 2 години на слобода, Рамковски во интервју за НОВА на почетокот на овој месец, за првпат одлучи да зборува пред камера.