Професорката и поранешна претседателска кандидатка, Билјана Ванковска, остро ја критикуваше изјавата на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по завршувањето на седницата на Советот за безбедност. Според Ванковска, претседателката настапила повеќе како портпарол на државниот врв отколку како државник.
Во својата реакција, Ванковска истакна дека јавноста била уверувана дека земјата е стабилна и безбедна, додека, според нејзиниот став, светот се соочува со сериозна геополитичка и економска криза.
„Нѐ увери колку сме стабилни и безбедни – додека светот тоне во војна и економска криза без преседан. Ние ќе си живееме во меурот на ‘безбедноста’. Претседателката не зборува директно, не дава конкретни оценки и воопшто не ги дефинира состојбите во светот. За неа не постојат ниту Иран, ниту Газа, ниту Либан“, напиша Ванковска.
Таа додава дека, според нејзиното мислење, претседателката не покажала ниту знаење ниту храброст да заземе став за агресијата на сојузниците, за цивилните жртви и за случувањата во Газа.
„Толку бедно се чувствувам што цел свет е на нозе и протестира против војната врз Иран и геноцидот во Газа. Ние сме помали од маково зрно. И безбедни – Don’t look up!“, заклучува Ванковска.
