Една од одлуките на 114-та владина седница е и предлог-програмата за трансплантација во Република Македонија за претстојната година. Целта на оваа програма е да се зголеми бројот на донори од починато лице преку олеснување на постапката на трансплантација на органи и ткива во интерес на пациентите, зголемување на бројот на пресадувања на органи и ткива од човечкото тело заради лекување. Понатаму, програмата ќе создаде систем којшто ќе обезбеди и којшто ќе гарантира правичен пристап кон органите и ткивата преку формирање на листа на чекање според видот на органи кои ќе се базираат на транспарентни, објективни и медицински критериуми. Дел од активностите на оваа програма ќе бидат насочени и кон подигање на свеста кај населението за донирање на органи и ткива, особено преку информирање на јавноста за важноста на трансплантацијата на органи и ткива.
Од областа на здравството, денеска Владата ја прифати и предлог-програмата за лекување на ретки болести во Република Македонија за 2019-та година. Програмата ќе овозможи континуитет на активностите кои државата ги презема за набавка на медицинска терапија за лекување и третман за пациентите со ретки болести во Република Македонија и за неа се обезбедени вкупно 380 милиони денари.