Над три милиони евра треба да им бидат исплатени на граѓаните кои ги скенирале своите фискални сметки до крајот на годинава.
Првите исплати се очекуваат на крајот на годината.Првите пари од повратот на ДДВ, на сметките на граѓаните ќе легнат во декември годинава. Директорката на управата, Сања Лукаревска за Канал 5 објаснува дека преку е-mail, граѓаните ќе добијат известување дека исплатата им е извршена.
„Известувањето кое ќе го добие секое физичко лице со оваа апликација, ќе биде преку систем е пдд. Ќе добие меил, врз основа на оној првичен меил кој ни го има доставено, дека во месец декември ќе му се изврши исплата. Сите корисници кои ја имаат оваа апликација, а се на систем ќе бидат известени од страна на УЈП.“
За првите три месеци УЈП на граѓаните ќе им исплати повеќе од 3 милиони евра. За јули, август и септември еден корисник ќе може да добие максимум 1 800 денари. Лукаревска вели дека мерката ги дава посакуваните резултати, УЈП бележи и зголемена наплата на ДДВ.
„На крајот на годината едно 4члено семејство ќе може да добие една проесечна плата, ако исполнуваат критериуми на апликацијата МојДДВ. Драго ни е што и наплата на ДДВ има пораст. Ако споредуваме месец јули оваа со претходната година има пораст од 10,3%, за август порастот е 27,3%, додека септември имаме 36,7% пораст на ДДВ-то за истиот месец лани. Ова е доволен показател дека мерката ги дава очекуваните резултати.“
Пораст бележи и бројот на корисници на апликацијата МојДДВ. Само вчера се регистрирале 600 нови, а скенирани се 65 илјади сметки. Следната исплата ќе биде во февруари следната година.