Поради учество во крвавиот четврток Ален Зекиров добил отказ од МВР, дознава ТВ 24. Поранешниот личен телохранител на Сашо Мијалков пред три дена го добил отказното решение од УБК, каде што од 2015-та година работи како главен инспектор во одделот за антитероризам. Информацијата ја потврдија од МВР.
„По спроведената постапка за утврдување на дисциплинска одговорност поради кршење на работниот ред и дисциплина, на предлог на Комисијата за утврдување дисциплинска одговорност во Управата за безбедност и контраразузнавање, од страна на министерот за внатрешни работи е донесено решение со кое на А.З му е откажан договорот за вработување во министерството за внатрешни работи“, велат од МВР.
МВР официјално не го наведува 27 април како причина за раскинување на договорот, но неколку снимки го докажуваат присуството на Зекиров во законодавниот дом. Кон крајот на септември минатата година тој беше на распит во полициската станица во Кисела Вода поради учество во крвавиот четврток.
Зекиров важеше за долгогодишен верен чувар на Мијалков се до пред шест години кога доби отказ од неговиот шеф и беше прераспределен на друга работна позиција во МВР, а неговите односи со фамилијата се заладија.
Тој од 2009-та почесто беше споменуван во медиумите поради сообраќајката во која со мотор усмрти 73 годишен скопјанец на пешачки премин, а за тоа беше казнет со шест месеци затвор.
Неговото име се поврзуваше и со „Аналитико“, фирмата за маркетинг услуги и дистрибуција на СИМ – картички, каде се појавува како основач и сопственик. Тогаш опозициската СДСМ тврдеше дека Аналитико е партиска фирма, основана под сомнителни мотиви и дека над 100.000 евра од Телеком легнале на нејзината сметка во пресрет на парламентарните избори во 2006-та година.